Tuesday, November 17, 2009

Огледалото и фенг шуи


Еден од најчесто користените лекови во фенг шуи е огледалото, предмет кој може да го пронајдеме во секој дом. Во фенг шуи огледалото се употребува за корекција на некои неправилности во просторот, но и за активација на проток на позитивната енергија.

При изборот на место каде ќе се постави огледалото треба да се земе во предвид дека огледалото го удвојува сето она што во него се огледува. Затоа огледалото кое се наога спроти неред и ѓубре ќе ја дуплира негативната енергија, додека огледалото во кое се огледува нешто убаво и вредно (како на пример, украс, слики или убаво уредена маса) ќе ја удвојуваат позитивната енергија.





Доколку го поставите огледалото во внатрешната страна на вратата на ормарот, треба да се внимава во него сè да е уредно посложено. За поттикнување на благосостојбата се препорачува спроти огледалата да се поставува вазна со цвеќе или здраво растение, кутија со накит или некој уметнички предмет.


Освен положбата, важен е и изгледот на огледалото. Тоа секако треба да биде едноделно, па така мозаик-огледалата и оние изработени од повеќе делови никако не се препорачуваат. Во фенг шуи не е поволно кога сликата се прекршува на повеќе делови. Затоа секогаш треба да се избира големо огледало од еден дел, фино обработено или со украсна рамка.




Никако не се препорачува да се постави огледало спроти влезот во домот бидејќи во тој случај целата енергија би се одбивала од него и веднаш би излегувала надвор. Освен тоа пожелно е да се избегнуваат огледалата во кујната за да не се удвојува “огнот” од шпоретот (премногу огнени елементи може да делуваат негативно на домашните). Исто така огледалото не треба да се поставува во спалната соба наспроти креветот. Огледалото може да го попречува сонот, а во традиционалното фенг шуи тоа се смета за трета личност во бракот. Пронајдете добра позиција на своето огледало, одржувајте го чисто и уживајте во благотворното струење на удвоената позитивна енергија во вашиот дом.

No comments:

Post a Comment