Tuesday, November 17, 2009

Уредување на балконот според фенг шуи

Секој балкон, па и најмалиот може да се уреди според правилата на фенг шуи и да стане пријатно место за дружење, пиење на ладен пијалок или читање. Надворешниот простор претставува продолжеток на домот и неговото влијание директно се рефлектира на квалитетот на живот во домот. Најважно е да се постигне хармонија – пред сè во поглед на бројноста на парчињата мебел и растенијата, како и на нивните димензии кои треба да одговараат на големината на просторот.


Растенијата симболизираат дрво, раст и развој, па затоа треба да се одржуваат здрави, а доколку се свенати треба да се заменат. Освен тоа, тие претставуваат звучна бариера за бучавата од улицата, а може и да заштитат од несакани погледи. При изборот на цвеќе, треба да се избегнуваат растенија кои растат надолу и растенија кои имаат трња и иглички. Исто така треба да се избегнуваат растенија кои имаат остри листови со налик на сабја (се среќаваат често кај палмите и јуките), како и кактуси. Бонсаито според фенг шуи никако не се препорачува поради фактот дека е во спотивност со прородата. Најповолни материјали за садови за цвеќе се природните – глина, теракота и керамика.


За затскривање на погледите може да се постават дрвени перголи на кои би биле растенија ползавци кои создаваат убава зелена завеса (на пр. ружи, украсен слак (Ipomea tricolor) или сина ѕвезда). Растенијата со висок раст можат да се користат како параван или да се постават пред страничен ѕид. Особено декоративно делува и цвеќе поставено во висечки корпи.

Кај малите балкони и лоѓии, поради просторната ограниченост, потребно е распоредување на растенијата по височина. За оваа намена, освен висечките корпи, може да послужат дрвени или метални полици, или стари лествици на кои би се поставиле цвеќињата.


Старата полица или мебелот може да се обноват со премаз на боја и на нив да се постават цвеќиња и украси. Во жардинерите засадете цвеќе со нисок раст или зачински растенија. Доколку станува збор за поголем простор, може да направите и сандак на тркалца во кој ќе бидат засадени разновидни мирисни растенија, па по потреба како мал параван ќе го поместувате на балконот.

Најповолниот материјал за мебелот се определува според компасната страна на балконот или терасата. Во случај просторот да се наоѓа на запад, северозапад или север најдобар избор е металот; за источните и југоисточните простори се препорачува дрво или бамбус; за јужните пластиката; за југозападните и североисточните балкони освен каменот може да се избере и пластиката.


Кај поголемите тераси најчесто има доволно простор за скара. Притоа треба да се осигура местото од несакан пожар. Ѕиданите камини се поквалитетно решение од подвижните скари, но поради нивната големина и тежина често е невозможно да се постават на терасата. Во фенг шуи исклучително важна е локацијата на скарата. Не е добро таа да се постави веднаш до прозорецот или вратата. Најповолни места се јужните, југозападните и југозападните делови на терасата, а треба да се избегнува западното и северозападното подрачје. Во случај единственото можно место во просторот на кое може да се постави скара да биде запад или северозапад, се препорачува употреба на подвижна скара после чија употреба ќе се тргне на друго место.

No comments:

Post a Comment