Tuesday, November 17, 2009

Фенг шуи: животни подрачја


При анализа на планот на просторот во домот, една од најдревните и најупотребуваните алатки во фенг шуи е ло-шу (lo shu - магичен квадрат). Тоа е квадрат со 9 полиња, при што на секое поле е назначен број од 1 до 9. Збирот на сите полиња во било која насока изнесува 15, поради што овој квадрат го носи името “магичен квадрат”. Ло-шу во фенг шуи претставува основа за анализа на просторот.




За анализа на просторoт се користиме со симболот pa kwa (багуа). Toj се поставува на планот на станот, откако претходно ќе биде определена средишната точка и ориентацијата на просторот во однос на страните на светот. Со помош на багуа се определува кое животно подрачје припаѓа во определен дел од просторот.




1. Кариера (KAN)

Ова поле се поврзува со кариерата, секојдневните обврски, животниот пат и нашата насока во животот. Се поврзува со северната страна на просторот и со елементот вода. Доколку во него има негативните аспекти, истите предизвикуваат постојани пречки на патот, лош избор на целите, недостаток на амбиции, постојани нови почетоци и постојано незадоволство во професијата.


2. Односи (KUN)

Ги претставува нашите односи со другите луѓе – партнерот, пријателите, нашата отвореност за примање и давање. Го поврзуваме со елементот земја и со југозападната страна. Негативните елементи во овој простор влијаат лошо на плодноста на жената, допринесуваат за лоша комуникација помеѓу партнерите, осаменост, неможност за пронаоѓање на партнер, а жената не се наоѓа во рамноправна позиција во рамките на семејството.


3. Предци (CHEN)

Ова поле на багуа му припаѓа на семејството, предците, постарите лица и авторитети. Го поврзуваме со елементот дрво, а насоката е исток. Доколку имаме проблеми со авторитети или ни недостасува енергија, ако сме летаргични или тврдоглави, тогаш постои проблем во ова подрачје.


4. Благосостојба (SUN)

Ова е подрачје на благосостојба, богатство и личен напредок. Под благосостојба не се подразбираат само пари, туку и добро здравје, љубов, потомство, среќни околности, добивање на вистински информации, покани за битни настани, односно да се биде во право време на право место. Му припаѓа елементот дрво и насоката е југоисток. Проблемите во остварувањето на целите, застоите, финансиските ерозии укажуваат на проблеми во овој дел од просторот.


5. Здравје (TAI CHI)

Подрачјето на центарот се поврзува со здравјето на духот и на телото, со стабилноста и со рамнотежата. Му припаѓа на елементот земја. Во него се среќаваат сите енергии на небото и на земјата. Овој простор треба да биде празен.


6. Помагачи (CHIEN)

Ова подрачје ги претставуваат нашите видливи и невидливи помагатели, ментори, духовни идоли, нашиот духовен аспект, како и патувањата. Тоа кажува колку помош добиваме, но и даваме на другите. Елементот кој му припаѓа е металот, а насоката е северозапад. Негативните аспекти во овој простор доведуваат до изолираност, губење на енергија, беспомошност како и недостиг на поддршка во животот.


7. Креативност и деца (TUI)

На ова подрачје му припаѓаат креативноста, децата и послабите од нас, хобијата и нашите проекти и треба да ја поттикнува опуштеноста и креативноста, дружељубивоста, творечката работа. Елемент кој му припаѓа е металот, а насоката е запад. Блокадите во креативното изразување, неможноста за уживање во животот и невозможноста за зачнување се резултат на лошо уредено подрачје на креативност.


8. Мудрост (KEN)

Мудроста, знаењето, учењето, стекнувањето на нови искуства и личен развој, запознавање на самиот себе, фокусирањето припаѓаат на ова подрачје. Елементот е земја, а насоката е североисток. Доколку се чувствувате несигурно, не можете да го пронајдете својот мир, често се расправате, немате сила за нови почетоци, тогаш постојат проблеми во овој простор.


9. Иднина (LI)

Ова подрачје го поврзуваме со угледот во општеството, честа и славата, силните признанија, харизмата, просветлувањето, иднината и целите. Елементот во ова подрачје е огинот, а насоката е југ. Лошо уреденото подрачје на иднината доведува до несигурност, зависност од други мислења, недостаток на инспирација, недостаток на цели во животот, како и непризнавање од другите.

За крај, треба да се знае дека и опкружувањето на домот е исклучително важно бидејќи тоа го определува видот и квалитетот на енергијата која влегува во домот.

Кревет според фенг шуи


Познато е дека квалитетот на душекот и положбата на креветот директно влијаат на здравјето на човекот.Еве неколку фенг шуи совети поврзани со оваа тематика:

За овозможување на добар сон според фенг шуи се советува под креветот да има воздушен простор, како и празен ѕид над креветот.

Покрај изборот на квалитетен кревет, важно е и да се избере квалитетен душек. Впрочем, во креветот минуваме приближно една третина од животот. Денес на пазарот може да се најдат голем број квалитетни душеци произведени по најсовремена технологија, во согласност со сознанијата добиени од опсежни научни истражувања.

Според фенг шуи креветот за две лица задолжително треба да има едноделен душек – два душека на еден кревет доведуваат до раздвојување на партнерите (и можен прекин на емоционалната врска). Подниците може да бидат одвоени, што е особено практично ако едниот партнер е значително потежок од другиот или ако немирно спие. Големината на креветот истотака е важна – креветот не треба да биде ни премал (доведува до намален потенцијал за успех во животот), а ни преголем (што може да доведе до одлив на приходите).



Се препорачува креветот да има полно заглавје, додека шупливото, решеткасто или заглавјето од летви се непожелни. Потполно чувство на сигурност се постигнува со прилепување на креветот со заглавјето до ѕид. За рамноправен однос меѓу партнерите фенг шуи советува да се овозможи приод до креветот од двете страни – затоа немојте да го прилепувате креветот по должина до ѕид. Ова правило не важи доколку креветот е за едно лице.

Најповолно е просторот под креветот да биде празен. Ако под креветот се наоѓаат фиоки, тие треба да бидат уредни. Не е добро да бидат натрупани со разни работи бидејќи во тој случај се спречува циркулација на енергијата. Во фенг шуи многу низок кревет или само душек на подот е непожелно.

За добар сон фенг шуи препорачува празен ѕид над креветот. Полиците или ормар-мост го пристискаат лицето кое спие и може да предизвикаат проблеми со спиењето, па и здравствени проблеми. Истотака треба да се избегнува спиење под кос кров односно греда.

Привлечете богатство во својот дом (фенг шуи)

Древното кинеско учење фенг шуи има за цел привлекување на позитивната енергија, а тоа се однесува и на привлекување на благосостојбата, богатството и личниот напредок. Неговиот концептот вклучува радост, мир и хармонија која ќе го привлече богатството кое ви е потребно во животот. Југоисток е правецот во фенг шуи кој се однесува на благосостојбата, а владеjaчки елемент е дрвото.


Исчистете го нередот

Според фенг шуи, доколку почуствувате дека не ви оди најдобро на финансиски план, можеби треба да направите само мала промена на предметите во домот, за да привлечете богатство.




Уреден дом - предуслов за благосостојба


Еден од начините да се постигне оваа е да се расчисти физичкиот неред во вашата околина, што ќе доведе до помал ментален неред во вашиот живот. Ако влезете во соба која е чиста и уредна, ќе забележите дека вашиот ум ќе биде поопуштен и посмирен, што е предуслов за проектирање на позитивна енергија. Оваа позитiвна енергија ќе привлече уште повеќе позитивна енергија, што е една од главните цели на фен шуи.

Значи, една од првите работи која треба да се направи е да се исчисти просторот во домот. Фрлете ги сите расипани и неупотребливи предмети, оние кои не сте ги употребувале со години, за кои се поставува прашањето дали некогаш повторно ќе ги користите. Југоисточниот агол на куќата или станот треба да биде исклучително чист и уреден. Совет е тоа место да биде осветлено преку целиот ден.


Поставете фонтана или аквариум

Вие и вашата околина треба да бидете канали низ кои ќе се создава позитивна енергија. Според фенг шуи, постојат многубројни техники кои може да ви помогнат да создадете позитивна енергија. Една од нив е водата која тече. Таа го зголемува ефектот на дрвото. Водената фонтана претставува едноставен начин за креирање на позитивна енергија, а истовремено и помага во создавање на опуштена атмосфера.




Фонтаната го привлекува богатството


Наместо фонтаната, во југоисточниот дел може да се постави и аквариум кој треба редовно да се одржува. Треба да се изберат поенергични риби со живи бои, кои би ја стимулирале позитивната енергија (на пример, златни рипки). Би било добро бројот на рибите да биде девет, кој според фенг шуи е среќен број. Не е добро да се има истовремено и фонтана и аквариум бидејќи ефектот би бил пресилен.

Бидејќи водата е поврзана со богатството, истекувањето на водата симболизира расипување на богатството. Славините кои прокапуваат, според фенг шуи, претставуваат бегање на богатството од нас, додека затнатите доводи симболизираат забавен проток на парите. Затоа е битно редовно да се одржуваат славините и водоводните цевки во домот.


Симболи на богатството


Постојат многу симболи во фенг шуи кои привлекуваат богатство. Употребувајте ги оние кои најмногу ви се допаѓаат или пак најмногу ве асоцираат на богатство и благосостојба.





Кинески парички


Кинеските парички поврзани со црвена врвка се смета дека се среќни кога станува збор за внесување на богатство во домот. Овие парички може да ги ставите на место каде што ќе бидат во постојан контакт со вашите пари.




Фигура на Буда кој седи на куп од пари


Тронога жаба и желка, фигурана Буда кој седи на куп од пари, како и макета на трговски брод натоварен со богатство исто така симболизираат и привлекуваат богатство. Пар од кинески Фу песови, мажјак и женка, кои се поставени пред влезот во деловниот простор, според фенг шуи, помагаат да се донесат финансии во тој простор.




Пар Фу песови

Избор на мебел (фенг шуи)

Според фенг шуи, во домот подобро е да има нов мебел отколку старински мебел од антикварница. Ова особено важи доколку не сте експерт за старински мебел, бидејќи со внесување на стари предмети во домот може да се внесе лоша енергија. Овој мебел може да има застоена енергија која може да не се вклопи добро со енергијата на останатиот мебел.

При изборот на комода, фенг шуи препорачува таа да нема остри рабови, туку заоблени и на тој начин да не изгледа заканувачки. Од истата причина, поповолни се и комоди кои имаат врати кои ги сокриваат отворените полици. Всушност, воопштено правило според фенг шуи е дека добро парче мебел е она парче кое нема остри, "заканувачки" ивици.

Избегнувајте комоди кои се работени во резба која отсликува опасни животни. Енергијата на таквите тешки парчиња мебел може да го преплави домот.
Комодите кои во дизајнот имаат крстови, дијаманти и било какви врвови, не им носат среќа на сопствениците.


Кружна, овална и октагонална маса поставена во трпезаријата е многу посоодветна отколку квадратна или правоаголна, бидејќи нема остри ивици кои ги раздвојуваат луѓето.

Плакарите вградени во ѕидот делуваaт позитивно бидејќи ги пополнуваат аглите на собата.

При избор на гарнитура за седење треба да се знае дека добар распоред на елементите е постигнат кога тие формираат правилен облик: правоаголник, квадрат, или осмоаголник кој се смета за исклучително поволен за распоред на мебелот во дневната соба, како и за дизајнот на прекривката на трпезариската маса.

Избегнувајте распоред на елементите од гарнитура за седење во облик на буквата L или U, бидејќи на тој начин сугерирате дека нешто не е потполно или дека нешто недостасува.

Уредување на балконот според фенг шуи

Секој балкон, па и најмалиот може да се уреди според правилата на фенг шуи и да стане пријатно место за дружење, пиење на ладен пијалок или читање. Надворешниот простор претставува продолжеток на домот и неговото влијание директно се рефлектира на квалитетот на живот во домот. Најважно е да се постигне хармонија – пред сè во поглед на бројноста на парчињата мебел и растенијата, како и на нивните димензии кои треба да одговараат на големината на просторот.


Растенијата симболизираат дрво, раст и развој, па затоа треба да се одржуваат здрави, а доколку се свенати треба да се заменат. Освен тоа, тие претставуваат звучна бариера за бучавата од улицата, а може и да заштитат од несакани погледи. При изборот на цвеќе, треба да се избегнуваат растенија кои растат надолу и растенија кои имаат трња и иглички. Исто така треба да се избегнуваат растенија кои имаат остри листови со налик на сабја (се среќаваат често кај палмите и јуките), како и кактуси. Бонсаито според фенг шуи никако не се препорачува поради фактот дека е во спотивност со прородата. Најповолни материјали за садови за цвеќе се природните – глина, теракота и керамика.


За затскривање на погледите може да се постават дрвени перголи на кои би биле растенија ползавци кои создаваат убава зелена завеса (на пр. ружи, украсен слак (Ipomea tricolor) или сина ѕвезда). Растенијата со висок раст можат да се користат како параван или да се постават пред страничен ѕид. Особено декоративно делува и цвеќе поставено во висечки корпи.

Кај малите балкони и лоѓии, поради просторната ограниченост, потребно е распоредување на растенијата по височина. За оваа намена, освен висечките корпи, може да послужат дрвени или метални полици, или стари лествици на кои би се поставиле цвеќињата.


Старата полица или мебелот може да се обноват со премаз на боја и на нив да се постават цвеќиња и украси. Во жардинерите засадете цвеќе со нисок раст или зачински растенија. Доколку станува збор за поголем простор, може да направите и сандак на тркалца во кој ќе бидат засадени разновидни мирисни растенија, па по потреба како мал параван ќе го поместувате на балконот.

Најповолниот материјал за мебелот се определува според компасната страна на балконот или терасата. Во случај просторот да се наоѓа на запад, северозапад или север најдобар избор е металот; за источните и југоисточните простори се препорачува дрво или бамбус; за јужните пластиката; за југозападните и североисточните балкони освен каменот може да се избере и пластиката.


Кај поголемите тераси најчесто има доволно простор за скара. Притоа треба да се осигура местото од несакан пожар. Ѕиданите камини се поквалитетно решение од подвижните скари, но поради нивната големина и тежина често е невозможно да се постават на терасата. Во фенг шуи исклучително важна е локацијата на скарата. Не е добро таа да се постави веднаш до прозорецот или вратата. Најповолни места се јужните, југозападните и југозападните делови на терасата, а треба да се избегнува западното и северозападното подрачје. Во случај единственото можно место во просторот на кое може да се постави скара да биде запад или северозапад, се препорачува употреба на подвижна скара после чија употреба ќе се тргне на друго место.

Огледалото и фенг шуи


Еден од најчесто користените лекови во фенг шуи е огледалото, предмет кој може да го пронајдеме во секој дом. Во фенг шуи огледалото се употребува за корекција на некои неправилности во просторот, но и за активација на проток на позитивната енергија.

При изборот на место каде ќе се постави огледалото треба да се земе во предвид дека огледалото го удвојува сето она што во него се огледува. Затоа огледалото кое се наога спроти неред и ѓубре ќе ја дуплира негативната енергија, додека огледалото во кое се огледува нешто убаво и вредно (како на пример, украс, слики или убаво уредена маса) ќе ја удвојуваат позитивната енергија.





Доколку го поставите огледалото во внатрешната страна на вратата на ормарот, треба да се внимава во него сè да е уредно посложено. За поттикнување на благосостојбата се препорачува спроти огледалата да се поставува вазна со цвеќе или здраво растение, кутија со накит или некој уметнички предмет.


Освен положбата, важен е и изгледот на огледалото. Тоа секако треба да биде едноделно, па така мозаик-огледалата и оние изработени од повеќе делови никако не се препорачуваат. Во фенг шуи не е поволно кога сликата се прекршува на повеќе делови. Затоа секогаш треба да се избира големо огледало од еден дел, фино обработено или со украсна рамка.




Никако не се препорачува да се постави огледало спроти влезот во домот бидејќи во тој случај целата енергија би се одбивала од него и веднаш би излегувала надвор. Освен тоа пожелно е да се избегнуваат огледалата во кујната за да не се удвојува “огнот” од шпоретот (премногу огнени елементи може да делуваат негативно на домашните). Исто така огледалото не треба да се поставува во спалната соба наспроти креветот. Огледалото може да го попречува сонот, а во традиционалното фенг шуи тоа се смета за трета личност во бракот. Пронајдете добра позиција на своето огледало, одржувајте го чисто и уживајте во благотворното струење на удвоената позитивна енергија во вашиот дом.

Боите во домот (фенг шуи)


Многу научни истражувања ја потврдиле теоријата за силното влијание на боите на нашето расположение, однесување, мисли, чувства и животната мотивација. Изборот на бои е исклучително важен, но и индивидуален. Секој ги доживува боите на различен начин. Правилно избраните бои може да не мотивираат, инспирираат или одморат, па според тоа обрнете внимание на тоа како одредена боја ја доживувате. Боите кои (свесно или несвесно) сме ги внеле во просторот често многу знаат да кажат за нас самите.

Фенг шуи му придава големо значење на правилниот избор на боите. Не постојат добри и лоши бои, туку поволни и неповолни бои за одреден дел од домот. При изборот на боите основен водич е теоријата на петте елементи. Освен самата нијанса, важен е и интензитетот. Во просторијата со поголема динамика (како дневна соба или кујна) се внесуваат поинтензицни, додека во просториите за одмор (како спалната соба) се користат поблаги нијанси. Не се препорачува користење на силни бои за големи површини (ѕидови, големи теписи и прекривки). Таквите бои во просторот се внесуваат со помали парчиња мебел, декор и украсни предмети. При изборот на боите, нивниот интензитет и карактеристики, обрнете внимание на вашата реакција на одредена боја. Важно е да се постигне хармонија во просторот и да се усогласи уредувањето по сопствен вкус.

Белата боја е добра подлога која помага при истакнувањето на други бои и предмети. Во Кина тоа е боја на жалоста, но истотака симболизира и цврстина. Светло белата боја е погодна за предворија. Кај простории во кои подолго се престојува се препорачува нијансирана бел (крем, нечиста бела, беж, седефесто бела и сл). Поволна е и за кујните.

Црната, ако правилно се употребува, може да создаде импресивна атмосфера или квалитетна позадина за други бои. Во спротивно може да делува депресивно. Се препорачува умерено да се употребува. Не е поволна за детски соби, трпезарии, како и за простории за рехабилитација.

Сивата боја е боја на компромис и рамнотежа, но исто така може да делува депресивно. Потребно е сивите премази да се одржуваат свежи за да не доведат до малодушност. Често создаваат службена, формална атмосфера. не се поволни за кујни, додека во работната соба и просторот за учење имаат поволно влијание.

Сината боја го намалува стресот и напнатоста, ја поттикнува мудроста, па често се користи и во спалните каде луѓето знаат често да се караат. Исто така симболизира самоувереност и трајност. Не се препорачуваат големи површини со сина боја во дневната соба и кујната.

Виолетовата боја се поврзува со интроспекција и медитација, како и со чесноста. Потемна нијанса е поволна за спалните соби и за просториите за одмор, додека посветлата виолетова (во која има прилично црвена) се употребува за поттикнување на динамиката.

Црвената е силна, поттикнувачка боја која се употребува за зголемување на активностите. Ако се чуствувате доволно исцрпено и ви недостасува енергија, внесете во својот дом црвена боја – ќе ви биде потребно неколку црвени цвеќиња, декоративно перниче или некој друг украсен предмет. Со црвената треба внимателно да се постапува и не смее да се внесува во големи количини како не би предизвикала раздразливост и хиперактивност. Не се препорачува во работната и спалната соба (освен во по некој детал заради зголемување на страста).

Портокаловата боја се поврзува со здравје, виталност, ентузијазам и оптимизам. Може да се употребува во простории кои се свртени кон север. Поволно влијае за потикнување на комуникација. Не се препорачува во работната или во спалната соба, додека е поволна во трпезаријата и дневната соба.

Розевата боја е смирувачка нијанса на црвена боја и е ислучително женствена боја. Ја зголемува романтиката и детската разиграност, па затоа е поволна за спални и детски соби.

Жолтата исклучително стимулира, а се поврзува со интелектот, долговечноста и доброто расположение. Ја симболизира енергијата на сонцето. Добра е за стимулирање на комуникациите, менталната енергија и бистрината на мислите. Поволна е за сите семејни и дневни простории. Силната нијанса е неповолна за спалната соба.

Зелената го поттикнува чувството на хармонија и мир. Тоа е смирувачка боја која се наоѓа помеѓу ладниот и топлиот дел на спектарот. Поволна е за работни и спални соби, а во светли нијанси и за кујните, додека не се препорачува за просториите во кои е пожелна голема динамика. Светлите тонови симболизираат раст, додека потемните тонови во големи количини можат да делуваат смирувачки.

Кафената боја има стабилизирачки ефект, но премногу кафена боја може да делува уморно. Не е поволна за постарите луѓе бидејќи се поврзува со есента. Прикладна е за работни простории.

Активатори на домот (фенг шуи)


Вода

Кога ја употребуваме водата за активација и “ залекување ” на просторот, се препорачува вода во движење. Најчесто се користат аквариуми и фонтани. Водата во движење има јанг карактеристики, додека водата во садовите има јин особини кои сакаме да ги избегнеме.

Аквариумот т.е. фонтаната треба со својата големина да одговара на просторијата во која се наоѓа. Се поставуваат на север, исток или на југоисток, а никако не се препорачуваат на југ, запад и северозапад. Фонтаните се истотака исклучително добри и природни јонизатори на воздухот.

Уметнички дела и украси

Кога избираме слики, постери и фотографии потребно е да обрне внимание на симболиката. Во принцип, сликите не би требало да содржат вознемирувачки и депресивни призори (војна, костури, осамени, тажни лица и сл), слики на диви гладни животни (лав или тигар со отворена челуст, ајкули и сл.), како и на мртви животни. Природата треба да биде прикажана на смирувачки начин (избегнувајте прикажување на разбранувано море или на временски непогоди). Кај дело од модерната уметност потребно е да се процени како влијае на нас – не е прифатливо ако на некој начин не растревожува или не вознемирува.

За украсување користиме разни фигури, декоративни ароматични лампи и цвеќе, како и сувенири од патувањата. Проверете дали симболиката на тие предмети е прифатлива.

Звук

Звукот има јанг карактеристики и е добар чи активатор. Пријатниот звук може да го разведри просторот и да го подобри нашето расположение. Звукот има исцелувачки својства. Непријатните звуци како на бучниот фрижидер или на клима уредот, сообраќајот и другите надворешни звуци можат штетно да делуваат на нашиот нервен систем.За ублажување на непријатните звуци кои не можеме да ги одстраниме може да користиме CD со звуци на природа (песна на птиците, звуци на океанот) или new-age музика. Истотака пожелна е и собна фонтана која со звуците на водата ќе има смируваќки ефект. Ако живеете во куќа или имате тераса, користете ги зелените растенија како зелена бариера за ублажување на бучавата.

Како активатори на енергијата се користат и ѕвонците на ветер. Тие што се од бамбус или метал треба да се во форма на шупливи цевки. Освен нив постојат и ѕвонци од кристал или керамика. Материјалот од кој е направено ветреното ѕвоно и бројот на цевките зависи од компасната ориентација на просторот. Ѕвонците на ветер најчесто имаат улога за корегирање на движењето на енергијата – на пример кај ходникот и скалите за успорување и пренасочување, кога неколку врати се наоѓаат една наспроти друга, а во мртвите агли за задвижување на енергијата. Може да се постават и над вратата како би заѕвониле при отворање на вратата.

Убавата музика истотака е добар активатор на Чи. Ако преку целиот ден сте одсутни од својот дом, во него поради тишината може да завладее Јинот. Затоа се препорачува да се вклучи радиото.



Осветлување (фенг шуи)






Во фенг шуи светлото е битен елемент на поттикнување на животната енергија во просторот, но важно е и да се пронајде рамнотежата, бидејќи ни премалку, ни премногу светло не е поволно. Ако во просторијата влегува премногу сонце, таа може да стане премногу загреана и неудобна за престој. Во тој случај треба да се стават полупроѕирни завеси или ролетни (по можност од природен материјал). Од друга страна, просториите кои се свртени на север или оние низ кои влегува малку дневно сонце стануваат умртвени.
За активација на темните простории или агли се користат вештачки извори на светло: лустери, плафоњерки, столни и подни лампи како и рефлектори.
Во спалните соби се препорачуваат пригушени светла и повеќе извори на послаба светлина, додека во дневните соби потребно е да се постават повеќе расветни тела со различна јачина. Во кујната и купатилото пожелна е добра расвета - никако не се препорачуваат слаби лампи или плафоњерки.
Во трпезаријата доволно е да има лустер, т.е. неколку рефлектори над масата, или свеќници, но силното директно светло над масата не е добро.
Работните простории истотака бараат добро осветлување, а столната лампа е неизоставен извор на светлина. Лампите (подните и столните) се насочени кон таванот помагаат во активација на просторот со кос кров, кај ниски простории, како и кај оние кои имаат габаритна покуќнина.

Сјајни предмети

Сјајните предмети имаат способност за рефлектирање, тие ја активираат енергијата така што ја привлекуваат или ја зголемуваат светлоста. Посебно се корисни во мрачните агли, т.е. во празните, неукрасени подрачја. Во сјајни предмети ги вбројуваме огледалата, стаклото, кристалите и сите предмети со сјајни поврина. При поставување на предметите со сјајна површина, треба да се види дали во нив се рефлектира нешто вредно или позитивно.

Огледалата, според фенг чуи, удвојуваат се што се случува околу нив. Поради тоа посебно внимание треба да се посвети на правилното поставување на огледалата во просторот, за да не го удвојуваат несаканото. Поволно е кога се поставуваат огледала во долг ходник. Особено е добро огледалото да го има во трпезаријата, бидејќи ја удвојува храната која се поврзува со благосостојбата. Огледалото не треба да биде спроти: влезната врата, прозорците, WC шољата, фрижидерот, креветот како и да гледа во друго огледало.


Кујна – место каде што се создава храната и богатството


Кујната е една од најважните соби во домот според фенг шуи. Храната што се приготвува во неа го определува квалитетот на животот, и силно се рефлектира на благосостојбата. Се почнува со шпоретот.

Кинезите веруваат дека кујната и местоположбата на шпоретот е пресудна за постигнување на благосостојба. Добрата положба на шпоретот во кујната може да донесе голема среќа на станарите, обозможувајќи им богатство и успех во работата. Ако во животот среќата не ви е баш најнаклонета, прва работа што треба да ја направите е да го преместите шпоретот.

Шпоретот секогаш треба да биде чист и сите негови функционални делови да се исправни цело време. Ако некој негов дел се скрши или не функционира, веднаш поправете го или заменете го.

Вратата од кујната не треба да гледа кон влезната или кон задната врата, поради губење на енергијата. Шпоретот истотака не треба да биде во правец со задната врата.

Кујната спаѓа во огнени елементи, па затоа црвената треба да се избегнува во овој дел од вашиот дом. Присуството на црвената боја во вашата кујна, наведува на опасноста за предизвикување пожар во вашиот дом.

Соодветно уредена трпезарија овозможува добра комуникација


Трпезаријата треба да биде централно поставена во домот со цел да се обезбеди изобилство на добро Чи.

Кружна, овална и октагонална маса поставена во трпезаријата е многу посоодветна отколку коцкастата или правоаголна, бидејќи нема остри ивици кои ги раздвојуваат луѓето. Трпезаријата треба да биде добро осветлена, со слики поставени на ѕидот кои се пријатни за гледање и делуваат смирувачки.

Јадењето на тивко место, или место на кое има тивка музика, влијае добро на варењето на храната. Добро е да има лустер над масата кој ја надополнува енергијата. Порано било вообичаено да се употребува кристал за лустерите, но со тек на време, често бил заменуван со други материјали, кои од аспект на фенг шуи не можат да го заменат кристалот.

Трпезаријата е едно од најдобрите места за големо огледало. Тоа ја “удвојува“ храната (богатството) и овозможува добар Чи. Огледалата не треба да се поставуваат така да се огледува во нив само делумно лицето. Само еден ѕид од трпезаријата треба да има огледало.

Направете вашата спална соба да е место во рајот


Вашата спална соба има ефект на квалитетот на вашиот сон, и е многу важен фактор за вашето здравје, среќа и успех. Кога го планирате вашиот живот, треба да го осмислите и делот за ваша ревитализација.

Вашиот кревет треба да биде удобен, и енергијата треба мирно да протекува низ вашата соба. Под креветот не треба да имате ништо, за да енергијата може да циркулира правилно.

Спалната соба треба да биде обоена во меки бои кои и одговараат на вашата енергија за да може мирно да се одморите. Таа никогаш не треба да биде обоена во црвено. Свеж воздух треба секогаш да циркулира низ вашата дневна соба и исто така низ остатокот на домот. Вашата спална соба не треба да има огледало кое гледа во креветот или да е поставено позади креветот, бидејќи пречи за мирен сон. Истотака вашите стопала не треба да гледаат во вратата.

Во спалната соба не треба да има греди на таванот или на подот, бидејќи го нарушуваат протокот на доброто Чи. Секаде треба да се избегнуваат, а особено во спалната. Ако постојат греди на таванот, покријте ги, или ставете зеленило близу нив. За гредите на подот како решение може да биде поставување на шупливи ѕвонци.

Погодни правци за положба во која спиење во зависност од вашиот Киа број:

Киа број 1 – север, југ, исток, југоисток

Киа број 2 – југозапад, североисток, запад, северозапад

Киа број 3 – исток, југ, север, југоисток

Киа број 6 – југоисток, север, исток, југ

Киа број 7 – северозапад, југозапад, запад, североисток

Киа број 8 – североисток, југозапад, запад, северозапад

Баланс во вашата дневна соба


Боите што ги избирате за вашата дневна соба во многу зависат и од вашиот Куа број кој се пресметува врз основа на датумот на раѓањето. Вашиот Куа број може да го определите со клик на следниот линк (за пресметување потребен е датумот на раѓање и полот):

Определување на Куа број,

Тука може да видите и на кој тип на личност припаѓате (западен или источен тип). На пример, за западен тип личност најмногу одговара гарнитурата да е во златна нијанса, а зелената е најнепожелна.

Ставете зелени растенија по собата, но гледајте да бидат во баланс со другите предмети. Вашиот мебел треба да биде простран, не пренатрупан и пријатен за око. Сликите треба да бидат топли и благопријатни. Избегнувајте држење на кактуси. Најдобро е да имате убав букет од свежи цвеќиња. Луѓето при самиот поглед на цвеќето се чуствуваат многу попријатно. Ова е причината поради која може да забележите цвеќиња во рестораните или во ходниците на хотелите.

Вашата дневна соба треба да дава чувство на свежина и живот во неа. Има многу семејства кои ја чуваат дневата соба за специјални пригоди. Собите во вашиот дом кои не се користат акумулираат статичка енергија и го намалуваат балансот од останатиот дел од домот.

Поминувајте го денот во вашата дневна соба! Затоа и го добила ова име!

Камините, без разлика во која соба се наоѓаат, не треба да бидат отворени. Отворот треба да се покрие со некој параван или стакло, со цел да се спречи одлевањето на позитивната енергија

Вашата влезна врата треба да го охрабри доброто Чи


Атрактивен изглед на влезната врата во вашиот дом или канцеларија ќе го охрабри доброто Чи (позитивната енергија) да влезе внатре. Влезната врата треба да ја отсликува целокупната хармонија и просперитет во домот. Бидејќи сета енергија влегува низ оваа врата важно е да нема предмети околу неа за да може секогаш да се отвори без проблеми.
Таа не смее да биде скршена и мора лесно да се отвора. Во спротивно, тоа ќе биде најголема пречка за добрата енергија. Таа не смее да биде ни премала, ни преголема, туку во склад со големината на куќата.

Кога врататa целосно ќе се отвори, не треба веднаш да наидеме на ѕид. При целосно отворена врата, тој треба да биде оддалечен од ивицата на вратата најмалку еден метар. Во спротивно, единственото што може да го направите е да поставите огледало на ѕидот. Тоа не е идеално решение, бидејќи влезната врата не е добро да се рефлектира во огледало.

Димензијата на вратата треба да биде во склад со големината на домот, ни премала ни преголема. Премалата врата го спречува протокот на доброто Чи.

Вратата треба да е широка и да води во предсобје, кое служи како еден вид брана за надојдената енергија. Влезната врата никогаш не смее да се отвора директно во дневната соба без некаков вид на брана кој ќе ја успори енергијата. Ако немате избор, ставете троделен параван (како на сликата) оддалечен на 1-2 метри од вратата со зеленило пред него. Тој ќе го забави доброто Чи и ќе овозможи негово мирно протекување.

Првото нешто што ќе го видат тие што влегуваат во вашиот дом го оформува расположението за време на целиот престој. Неред не смее никаде да има, а особено уште на самиот влез. Луѓето имаат навика да ги ставаат предметите до врата како потсетување дека треба да се ослободат од нив или да ги понесат со себе. Често тие остануваат тука со денови. Ова влијае лошо на подсвеста. За добар Фенг Шуи во домот, овие работи треба да се тргнат што поскоро. Кога ќе влезете низ вратата, не треба да има никакви масивни предмети кои ќе го попречуваат погледот.

Најдобар облик за вратата е овален или правоаголен на врвот. Дрвените врати се подобри од стаклените. Влезот треба да биде во правец кој ќе овозможи да нема остри агли со правците кои покажуваат на други зданија од надвор. Може да поставите пакуа чие огледало ќе одбива дел од негативната која влегува во вашиот дом.

Може да закачите на дрвени или метални ѕвонци кои ќе помогнат во дефлектирањето на енергијата. Запомнете, ѕвонците мора да бидат шупливи и пакуата да биде поставена надвор од куќата за да бидат ефикасни. Пакуа со огледало поставена во домот носи несреќа.

Вратите обоени во светли тонови се благопријатни и се во склопот на севкупната хармонија во домот. Без разлика која боја се, треба да бидат обезбедат контраст на бојата на останатиот дел од куќата. Црвената е пожелна боја за врата, но само ако е во склад со другите бои во куќата.

Ѕвонците се добри предмети за дополнителна енергија кога се ставени пред влезнта и задната врата. Ти треба да бидат шупливи и доволно големи за да произведат фина мелодија кога се нишаат. Заедно со хармонијата и ритамот, мелодијата е една од трите основни елементи на музиката. Благопријатната музика во домот е важен фактор за подигање на енергијата.

Влезната врата никогаш не треба да гледа во задната врата или во голем прозорец. Во спротивно целата позитивна енергија излегува од домот преку задната врата и прозорецот. Ако сепак тоа е кај вас случај, поставете на одредено растојание пред вашата влезна врата параван и пред него поголемо цвеќе за да се покрие погледот на задната врата.

Денес, голем дел од луѓето живеат во висококатници. Совет е никогаш да не живеете на крајот од долг ходник, или пред лифт или скали, кои овозможуваат брзо одлевање на енергијата по нив. Доколку сте во можност, поставете растение на влезот на ходникот за да го успори одливот на енергијата.

Ако живеете во зграда, зеленилото и свежото цвеќе можат да ви донесат природа во вашиот дом. Свежите цвеќиња овозможуваат да се зачува енергијата на високо ниво.

Вовед во фенг шуи


За фенг шуи честопати луѓето мислат дека е начин на уредување на домот кој содржи многу мистичност во себе. Всушност фенг шуи е еден вид уметност и наука за живеењето и работењето во правилно уредено опкружување.

Таа се занимава со протокот и кружењето на енергијата на животот наречена Чи која е зависна од Јинот (позитивната енергија) и Јангот (негативната енергија). Вселената е едно огромно енергетско поле. Фенг шуи ја проучува оваа енергија, нејзиното движење и како таа делува на нас директно или индиректно.

Модерната електро-физика почнува да го прифаќа фактот за интеракцијата помеѓу енергијата на земјата и луѓето. Овие електромагнетни енергии се Чи линии кои се движат во внатрешноста на земјата, и на тој начин создаваат енергија за земјата и за луѓето кои живеат на неа.

Добрата контрола на енергијата во вашиот дом, ќе допринесе вашиот живот да се подобри и вие ќе привлекувате повеќе среќа и богатство. Поради ова се поголем број луѓе ги прифаќаат советите на фенг шуи за уредување на просториите. Како за пример, ќе го споменеме еден од најбогатите луѓе на светот Доналд Трамп кој за уредување на своите резиденции и деловни простории ги има ангажирано врвните експерти за фенг шуи.